Пишаната изјава не е моја, ја напишав под принуда на Палевски, вели Кешишов

Обвинетиот Влатко Кешишов на крајот на денешното рочиште кажа дека изјавата дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на грабнувата и убиствата на Вања Ѓорчевск и Панче Жежовски не била негова. Ја напишал под принуда на Палевски додека со комбе биле спроведувани заедно во затвор каде издржуваат притвор.
„Изјавата не е моја”, рече Кешишов додавајќи дека со Палевски на два пати заедно биле превезувани.
Тој појасни дека од Палевски во комбе му било дадено ливче со напишана изјава и му било кажано да ја препише со свој ракопис и да ја поднесе до судот.
Прашан од судијата зошто го направил тоа, рече: „Од страв“.
Неговиот адвокат Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека Кешишов ја повлекува изјавата.
Во врска со тоа што на двапати Манев и Кешишов биле спроведувани од и во затворот заедно, судијата на крајот од денешното рочиште и наредил на затворската полиција спроводот да го врши со четири комбиња, односно секој од обвинетите да биде посебно спроведен.
На претходното рочиште судијата Ивица Стефановски извести дека обвинетиот Влатко Кешишов поднел писмена изјава доставена од затвор во која вели дека Љупчо Палевски-Палчо на 22 и 27 ноември лани не бил со него, со Велибор Манев и со Боре Видевски кога биле грабнати и убиени Вања и Панче и дека спиел во штабот на партијата Десна.
Пред денешното рочиште изјави дадоа обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска кои рекоа дека пишаната изјава на Влатко Кешишов, во која тврди дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.