
Сојузниците на НАТО ќе мора да потрошат речиси три отсто од бруто домашниот производ (БДП) на своите воени сили за да ги спроведат новите одбранбени планови на алијансата, изјави во понеделникот висок воен претставник на НАТО, пренесе Ројтерс.
Така, трошоците би ги надминале досегашните два отсто инвестиција во армиите на земјите-членки, што беше поставена како актуелна цел на Алијансата.
Вкупниот процент потребен за да се направат новите планови остварливи е многу поблиску до три отсто од БДП отколку два отсто, изјави во Брисел претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер.
„Очекувам дека под новата администрација на Доналд Трамп во САД ќе има многу поинтензивна дискусија за тоа колку повеќе Европа и Канада треба да инвестираат, а тоа е здрава и валидна дискусија што треба да се води“, рече Бауер.