СДСМ ја обвинува партијата на Ахмети за симнување на рејтингот, Лукаревска: Политиките на ДУИ ни се удрија од глава

На линија на лидерот на партијата Венко Филипче, поранешната заменик претседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, вели дека ДУИ и нејзините политики во време на заедничкото владеење се причина за падот на нивниот рејтинг. Овие коментари Лукаревска ги даде во интервју за Алсат, еден ден по Конгресот на СДСМ на кој беа формирани органите на партијата.
„Во јавното мислење се создаде впечаток дека се дозволени одредени политики на ДУИ, нашиот поранешен коалиционен партнер и нивното однесување, што денеска ни се удира од глава, она играње фудбал, оние други процесите коишто одеа позитивно на контото на ДУИ, но го намалуваа рејтингот на СДСМ. Ако имате мнозинство кое е секогаш на граница, често го доведувате во ситуација да мора да се спроведат и тие погрешни политики, така мислеа тогаш претставниците во власта. Многумина ни замеруваа и за Кривичниот законик. Капак на сѐ беше оние скандирања, што ги слушнавме во кампањата, потоа имаше и надмудрувања, дали имаме кекси, млеко, бисквити. Во целиот тој процес СДСМ беше колатерална штета“, изјави Сања Љукаревска, СДСМ.
Според Лукаревска, секој треба да сноси одговорност во партијата, а на Филипче да му се даде можност и време да ги креира своите политики. Промената на раководството на партијата, според неа, не е порака за раководството од претходниот состав.
„Не би го сфатил како каква било порака или прифаќање дека поранешното раководство не е дел од новото раководство. Напротив, имаме многу раководители на општински организации кои се дел од централното раководство. Дел од ова раководство сега беше дел од победата на изборите во 2020 година“, рече Лукаревска.
Лукаревска не верува дека поранешниот претседател Заев сѐ уште има моќ над партијата и не гледа ништо лошо во блискоста меѓу Филипче и Заев.