Мицкоски е апсурд од премиер – врши партизација, а ветува деполитизација, велат од СДСМ

Изјавите на Мицкоски за „деполитизирана и професионална администрација“ се ништо повеќе од празни зборови кои се целосно спротивни на реалноста што ја креира неговата влада, се вели во реакцијата на опозицискиот СДСМ на дел од наводите што премиерот денеска ги искажа во своето обраќање на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација.
Според Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, премиерот за шест месеци, откако е на власт ги деградирал професионалците, поставувајќи луѓе без никакви компетенции и знаења, а кои од квалификации поседуваат само партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Досега видовме систематско прекршување на процедурите, поставување на три заменици директори во Царина, поставување на директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) спротивно на законот, поставување на раководители без соодветни квалификации. Јавната администрација стана заробеник на ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните се оставени да се борат со бавни услуги, хаос и нефункционалност. Како може Владата, која отворено игнорира закони и критериуми за назначување кадри, да ветува ‘вреднување на трудот’?“, велат од СДСМ.