ТИМСС тестирање: Во математика нашите четвртоодделенци се на 44, а во природни науки на 47 место од 58 држави

Учениците од четврто одделение, што учат на македонски и албански наставен јазик, на меѓународното ТИМСС тестирање во 2023 година, во математичка писменост се рангирани на 44 место од 58 држави, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
Во природни науки, пак, додаваат од МОН, рангот е на 47 место од истиот број на држави.
Резултатите на тестирањето, според МОН, покажале дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени, за да можат учениците да ги подобрат знаењата.
Подобрување на резултатите на државата на меѓународните тестирања од МОН велат дека ќе дојде само како резултат на реално подобрување на квалитетот на целиот воспитно-образовен систем.
„Во се поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси“, се вели во соопштението од МОН.
Оттаму додаваат дека преку процесот на оптимизација се гради ефикасна училишна мрежа која ќе доведе до најдобар успех на учениците со рационално користење на ресурсите.