Бојкот на наставата во “11 Октомври”

„Целосен бојкот на наставата во основното училиште „11 Октомври“ во центарот на Скопје, откако родителите веќе втор ден по ред одбиваат да ги пуштат децата на училиште, поради обид за проблематично дете да направи трансфер од друго основно училиште“, известува репортерот на Алсат.
Станува збор за третоодделенец, кој бидејќи бил со насилно поведение во основното училиште Лазо Ангеловски, неговите родители се обиделе да го префрлат во ОУ 11-ти Октомври. Министерката за образование и наука вели дека проблемот е пренагласен и реакцијата на родилите е премногу бурна, таа посочува и дека секое дете заслужува образование и има стручни служби кои треба да работат со него.
„Препорачано е детето да ја промени средината, ако стручни лица препорачале детето да ја промени средината значи детето треба да ја промени средината. Училиштето од коешто потекнува детето има на располагање и педагог и психолог и социјални работници и цел систем којшто треба да го реши овој проблем. Било кое училиште во коешто оди детето исто така има и стручни служби и цел систем на располагање, детето не може и не смее да остане на улица“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Според родителите на учениците во ОУ 11-ти октомври, овој третоодделенец добил дозвола за да се префрли во ова училиште откако неговиот родител прикрил факти за насилното поведение на неговиот син. Меѓутоа, откако директорката на 11-ти октомври се запознала со случајот, одлуката за негов прием во ова училиште е повлечена.
Неофицијално, детето треба да се врати во своето матично училиште „Лазо Ангеловски“, каде пак, доколку се случи тоа, тамошните родилите ќе ја бојкотираат наставата. Директорката на ОУ 11-ти Октомври денеска за Алсат не сакаше да ги коментира овие состојби, само кратко ни посочи дека инспекторатот при Министерството за образование и наука врши надзор во училиштето со цел да се расветли случајот.
Михајло Донев