СВЕТ
Холандија ќе побара од Европската Унија да го суспендира безвизниот режим со Грузија

Холандија ќе побара од Европската Унија да го суспендира безвизниот режим со Грузија, изјави денеска холандскиот министер за надворешни работи, откако повеќе од 300 лица беа уапсени за време на про-ЕУ протестите во таа земја, пишува Ројтерс. Демонстрантите во Грузија веќе една недела протестираат против одлуката на владата да ги прекине преговорите за влез во Унијата.
Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп рече дека формално ќе побара од ЕУ „јасно да ѝ стави до знаење на грузиската влада дека патот што го избрала има цена“. Велдкамп ова го изјави за новинарите пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Малта. Тој исто така рече дека ќе побара од ОБСЕ да ги истражи дејствијата на грузиската влада и нејзините постапки.