Корупцијата и натаму ја има во сите пори во општеството

Корупцијата и натаму ја има во сите пори во општеството и потребна е заедничка борба на институциите за нејзино искоренување, беше една од главните пораки на денешниот настан во Собранието по повод одбележувањето на меѓународниот ден на борбата против корупцијата. Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека политичарите имаат одговорност да се борат против корупцијата, но и да понесат одговорност кога ќе го прекршат законот.
„Тука сакам да нагласам дека можеби сум еден од ретките политичари во историјата на Северна Македонија кој како дел од власта предложи уставен амандман за незастарување на предметите за политичка корупција. Длабоко сум убеден дека секој кој го прекршил законот за лични и партиски интереси мора да даде отчет и да одговара пред законот“, рече Гаши.
Првиот човек на антикорупционерите рече потребни се и ресурси и дополнителни вложувања во борбата за искоренување на корупцијата.
„Особен акцент ќе ставиме на зајакнување на тимови за истражување и анализа и модернизација на технолошката опрема што ќе ни овозможи поефикасно извршување на надлежностите. Создавање на дигитални алатки кои ќе го намалт човечкиот фактор и ќе овозможат поголема контрола врз јавните процеси“, рече Татјана Димитровска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција.
На настанот беа присутни и неколку дипломати од земји членки на Европската Унија, кои во своите говори предупредија дека корупцијата во земјава и натаму е присутна и дека се потребни итни реформи.
„Граѓаните очекуваат ефикасна борба против корупцијата. Тие очекуваат да видат независен правосуден систем, за обвинителството да може да си ја врши својата работа. Корупцијата и понатаму е предизвик во Северна Македонија и длабоко влијае на економијата. Неколку влади повторно ја искажаа својата посветеност кон борбата против корупцијата, меѓутоа, недоволно“, рече Бен Наупнау, заменик шеф на делегацијата на ЕУ.
По настанот следуваше и панел дискусија на која претседателката на антикорупциска потсети на работата на оваа комисија досега, образложувајќи дека таа и во иднина ќе продолжи да ги следи и открива сите коруптивни активности во земјава.
Михајло Донев