Албанските интелектуалци испратија писмо до Уставниот суд за седницата за Законот за јазиците
Албанските интелектуалци испратија писмо до Уставниот суд за седницата за Законот за јазиците

Над 250 албански интелектуалци бараат Уставниот суд да не ја укине официјалната употреба на албанскиот јазик. Тие велат дека имаат причина да се сомневаат дека уставните судии можат да станат дел од реализација на сценарио со политички мотиви, насочено токму кон она што отворено се изјаснува на највисоко државно ниво.
„Со оглед на уставната позиција и улога што ја имате како претставници на највисоката правна институција, која според Уставот е независна и без политички влијанија, и понатаму се надеваме дека нема да дозволите реализација на вакви сценарија, кои ги нарушуваат чувствата на секој граѓанин Албанец. Таквиот потег би ја поткопал довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја претставувате и од која се очекува да носи одлуки независно, според вашите верувања, врз основа на Уставот и законот, а не според политичките влијанија од каде и да доаѓаат тие“, стои во Писмото од интелектуалците.
Според писмото на интелектуалците, дури и во минатото, одлуките на Судот предизвикувале тензии секогаш кога биле еднострани и произволни.
„Како членови на институција која има должност да го штити уставниот поредок и вредностите промовирани со Уставот, особено во однос на меѓусебното почитување на етничките права во мултиетничко општество како што е Република Северна Македонија, имате законска обврска да ги зачувате овие вредности“, се вели во Писмото од интелектуалците.
Меѓу потписниците се ректорите на три универзитети на албански јазик: проф. Д-р. Абдулменаф Беџети – УЈИЕ, проф. Д-р. Јусуф Зејнели – УТ, проф. Д-р. Изет Зеќири – УМТ, исто така професорите Агим Винца, Агни Дика, Нури Беџети, Абдула Алиу, Аслан Билали, Сафет Емрули, Ќебир Авзиу, Јетон Шасивари, Фатмире Лумани, Мерсим Максути, Арта Билали, Фадил Зендели, Башким Зибери, Муамет Шехаби, Кенан Ферати, Етем Исени, Ружди Матоши, Фати Исеини.
Уставниот суд на седницата на 11 декември на дневен ред ќе ги има иницијативите за уставноста на законот за употреба на јазиците како прва точка на дневниот ред. Целиот закон, во целост или во одделни делови, со сите негови членови, е на мета на 13 иницијативи во кои се вклучени 46 субјекти кои пријавуваат.
Единствено што е неоспорно е ставот 1 кој гласи: На целата територија на Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Уставниот судија Осман Кадриу во последното интервју за Алсат потврди дека тој и другиот албански судија Насер Ајдари нема да присуствуваат на рочиштето за да нема прегласување. Според заклучокот донесен во 2022 година, доколку отсуствува барем еден судија, не може да се одлучува за вакви важни теми./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши