
Пратениците во Европскиот парламент (ЕП) денеска повикаа на мирна транзиција на власта во Сирија, со што, како што наведоа, ги исполнуваат демократските аспирации на сирискиот народ и обезбедуваат заштита на сите Сиријци, по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал- Асад.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи на ЕП Дејвид Мекалистер, претседателот на делегацијата на ЕП за односи со земјите од Машрек Лорен Кастиљо и постојаниот известувач за Сирија Натали Лоасо во заедничка изјава го поздравија, како што наведоа, „крајот на Сириската брутална диктатура, една од најнасилните што ги видел светот“.
Тие оценија дека „режимот на Асад беше соборен со ограничено крвопролевање бидејќи ја немаше поддршката од својот народ и затоа што беше напуштен од неговите сојузници Русија и Иран“.