Голема полициска акција во ЕСМ, направен криминал од 6.5 милиони евра
Голема полициска акција во ЕСМ, направен криминал од 6.5 милиони евра

Голема акција на полицијата и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција – уапсени повеќе лица од поранешното раководството на ЕСМ, РЕК Битоал, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино кои се сомничат за злоупотреба на јавен повик за набавка на адитиви, со што е направена штета од 6,5 милиони евра. Меѓу осомничените се и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски како и неговиот наследник Васко Стефанов, кој е уапсен попладнево. Тој бил надвор од земјата и се вратил откако дознал дека се бара во кривична постапка.
Премиерот Мицкоски потврди дека Ковачевски е надвор од земјава, но рече дека се преземаат активности бргу да биде вратен. Тој истакна и дека во досегашниот дел од акцијата се обезбедени многу докази.
„ Станува збор за добро организирана група, добро организирана група на високи претставници на компанијата и лица коишто управуваат со други правни субјекти, коишто се здружиле и за кои постои основано сомневање дека направиле криминал одотприлика шест и половина милион евра. Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на обвинителството, понатаму на судовите, мора да веруваме на презумпцијата на невиност, но тоа што е најдено е навистина загрижувачки„, рече Христијан Мицкоски премиер.
За делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба осомничени се 23 лица и два правни субјекти од Велес, Неготино, Битола, Кичево и Скопје. Меѓу приведените е и Пеце Матевски, ексдиректор на РЕК Битола и Ардијан Муча, комерцијалниот директор на ЕСМ, осомничен за злоупотреба на службената положба. Како организатор на злосторничкото здружение е осомничен Данчо Стојановски од Велес, кој бешекомерцијален директор на ЕСМ пред Муча. Во својство на носител на договорот за адитивите пак, исто така како организатор, осомничена е и Маја Јорданова, велешанка вработена во АД пошта, сопственичка на приватна компанија која нема ниту еден вработен, а која првпат стана позната во медиумите кога се зборуваше дека склучила милионска зделка со адитиви од Италија за државната ЕСМ, која ја добила како единствен понудувач. Во големата акција е уапсен и Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино. За Стојановиќ од порано се пишуваше за голема зделка која ја склучила фирма на неговата сопруга со РЕК Битола, каде како потписник од другата страна пак се јавува веќе споменатиот Пеце Матевски. Според неофицијални информации во текот на денешните претреси пронајдени се 130.000 евра во ќеш. Од МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврдија дека акцијата е во тек, но детали најавија дури по нејзино целосно завршување. Точниот број на приведени во денешната акција засега не се знае./Алсат.мк
Михаило Донев