Фернандо Алонсо: Сонот е да ја освојам третата титула, зошто да не?

Фернандо Алонсо наполни 43 години, но и натаму не се откажува од Формула 1. Тој ќе вози уште најмалку две сезони во ова натпреварување, а сега му се креваат можностите пак да биде конкурентен. Од следната сезона во Астон Мартин на креација на болидот ќе работи Адријан Њуи, најголемиот мозок на Ред Бул кој во последните две децении и креира сите шампионски болиди на овој тим.
Токму тоа е адут за Астон Мартин кој со „богатство“ го привлече во своите редови. Алонсо доби прашање дали размислува за можноста да освои трета титула.
„Сонот е да ја освојам третата титула, зошто да не? Знам дека 2026 година веројатно е мојата најдобра шанса, бидејќи 2025 ќе биде исклучително тешка. Формула 1 е за оние кои сонуваат, сè може да се случи.
Очекувањата по доаѓањето на Њуи ќе бидат огромни, тоа ќе биде нов болид под новите правила. Веројатно 2026 година ќе ми биде последна во спортот, тогаш и ми истекува договорот. Ако сезоната мине глатко и добро се забавуваме, можеби и ќе останам уште една година. Нема однапред да го исклучам тоа. Ќе уживам до последната секунда“, изјави Алонсо.
Шпанскиот ветеран беше шампион со Рено во 2005 и 2006 година, а потоа уште во две сезони беше во тесна битка за титулата. Сепак, останува да се види дали Њуи може да му креира шампионски болид со кој пак ќе конкурира за победи, а можеби и трофејот.