ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЗНАМ ја промовираше Националната платформа за македонско национално единство и црвените линии

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска ја промовираше Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии.

Advertisements

Како што рече тој, со овој чин се нуди можност за национално обединување, пред се на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници кои живеат во неа. Димитриевски нагласи дека ова е можност за заедничко градење на силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата, но и во обврските, држава која е еднаква за сите, а ќе биде завет за идните генерации.

Димитриевски се надева дека парламентарните партии ќе се обединат и ќе ја поддржат оваа Платформа и со нејзино усвојување ќе се трасира патот кон Европската Унија, рече Димитриевски. Тој кажа дека таа ќе биде доставена до владините партнери, а потоа и до сите политички партии вклучени во работата на Собранието.

Посочи на деветте точки во Платформата за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии.

Првата се однесува на суверенитетот и територијалниот интегритет на РС Македонија и унитарниот карактер на државата коишто се неповредливи и неотуѓиви.

Во втората точка се посочува дека македонскиот јазик е национален, стандарден јазик на македонскиот народ, со свој автономен јазичен, просторен и временски континуитет. „На целата територија на РС Македонија како и во меѓународните односи, службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Секое негирање на посебноста, автентичноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик, од внатре или надвор, Собранието беспоговорно ќе го отфрли во целост и јавно ќе го осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет и македонската државност“, се вели во Платформата.

Македонската национална историја, јазик и култура се обележја на македонскиот идентитет и интегритет. Секој акт во насока на негирање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на кое било обележје на македонскиот национален идентитет, на внатрешен или надворешен план, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин“, стои во третата точка.

Четвртата гласи „2 Август – Илинден – е национален државен празник на македонската нација и македонската држава, како симбол на сите негови борби за слобода и создавање на слободна, независна, суверена македонска држава. Секој обид за непризнавање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на чествувањето на највисокиот државен празник на РС Македонија, од внатре или надвор, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет“.

Петата се однесува на државните симболи. „Државни симболи на РС Македонија се државниот грб, знаме и химна и истите можат да се употребуваат во согласност со законските одредби и на начин со кој не се нарушува угледот и македонското национално достоинство. Секој акт на непочитување, оспорување, сквернавање, омаловажување, вандализам или обид за менување, на внатрешен или надворешен план, Собранието со индигнација и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин“.

Секоја закана, обид или акт, вербален или невербален, со цел создавање тензии, дестабилизација, ширење на омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на етничка или религиска основа, Собранието беспоговорно ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како антидржавен чин и акт насочен против уставниот поредок на државата“, се посочува во шестата точка.

Во седмата точка е наведено дека  „Собранието на РС Македонија смета дека прашањето за заштитата на основните права и слободи и статусот на македонското национално малцинство кое живее во соседните земји и во други држави, повикувајќи се на принципите што се апсолвирани во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1994) на Совет на Европа, се врвен национален и државен интерес и императив во политичкото делување во земјава“.

Осмата гласи „Собранието го реафирмира пристапувањето на земјата во Европската унија како врвна државна, национална и стратешка цел, со исполнување на Копенхашките критериуми во целост, под еднаков начин и  услови под кои се придружиле и сегашните земји-членки на Унијата. Собранието потенцира дека никој не смее да разговара или преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен и надворешен план.

Деветата точка се однесува на тоа дека Собранието го потенцира својот недвосмислен став дека никој, од која било позиција или статус, на внатрешен или надворешен план, на ниту еден начин или под какви било услови не смее да преговара, заговара или редефинира за прашања поврзани со унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, македонскиот јазик, идентитет, националната историја, култура, државните  симболи или правата на македонското национално малцинство кое живее надвор од границите на РС Македонија“.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button