ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Претрес во куќата на поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами

Претрес во куќата на поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами

Полицијата упадна во куќата на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој пред неколку дена беше ставен на американската црна листа поради корупција. Акцијата се однесува на набавка на ВЛТ апарати во Државна лотарија во вредност од над 10 милиони евра. Сепак, Груби не е пронајден дома, додека според неговата објава на Фејсбук, тој отпатувал во приватна посета во странство и веднаш штом ќе ги исполни обврските ќе се врати во Скопје. Претрес бил извршен и во куќата на поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, близок на Груби. Но, ниту тој не бил пронајден дома, додека била пронајдена значителна сума пари. Според неофицијалните информации, и Груби и Бајрами се во Косово. Претреси беа извршени на вкупно девет адреси.

Advertisements

Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага за измама во Државна лотарија.
„Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од над 8 милиони евра од буџетот на акционерското друштво“ Првоосомничен е директорот Бајрами, а втор вицепремиерот Груби кој ја водеше владината седница. Останатите четворица осомничени биле претседатели и членови на комисија, за кои постои сомнеж дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности.

Државната лотарија претставниците на владините партии ја сметаат за една од институциите осомничени за бројни финансиски злоупотреби, во времето кога ја водеше Бајрами.
Се истражуваат сомнителните тендери во Државна лотарија што ги добиваа фирми блиски до ДУИ. Според пишувањата на медиумите, Државната лотарија склучила договор со фирмата „Хеј“ за закуп на поранешниот ресторан Фестина во Визбегово, во кој се чувале уредите за коцкање купени за 19 милиони евра. Договорот потпишан на 10 години тежеше 2,6 милиони евра. Оваа компанија е добро позната во јавноста бидејќи на чело на неа се блиски или поврзани со семејството на Груби.

Но, Владата во септември го раскина договорот, бидејќи како што рече и самиот премиер Христијан Мицкоски, Државната лотарија на компанијата и плаќала закупнина која била три пати поголема од она што го одредува пазарот. Тој нагласи дека раскинатиот договор е основа за кривична одговорност и дека постојат сериозни сомнежи за криминал од страна на претходната власт.
Исто така, се истражува и документацијата поврзана со реализираните огласи, тендери, договори и секоја друга пропратна документација за јавни набавки. Под истрага е и основањето на трите нови фирми за коцкање: „77 вин“, „Весув“ и „Моцарт“.

Во овие компании државното акционерско друштво има 51% од сопственоста, додека приватните компании од Бугарија, Србија и Црна Гора, косопственици, имаат 49%. За овие три нови субјекти парламентарното мнозинство ВМРО-ДПМНЕ-ВЛЕН на почетокот на јули поднесе барање за автентично толкување на Законот за коцкање, сметајќи дека нивното формирање е незаконско и дека треба да се затворат.

Откако Собранието даде автентично толкување на членот 7 од Законот за коцкање, Владата на 27 септември затвори четири онлајн казино платформи поради неправилности во работата, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење./Алсат.мк

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button