
Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството и на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на eкс директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами им одреди 30 дена притвор. Штом бидат достапни на органите на прогонот, Груби и Бајрами ќе бидат однесени во затвор.
„По информирањето на Министерството за внатрешни работи дека двете лица за кои Обвинителството предложи притвор, а кои се поврзани со истрагата за Државната лотарија, се недостапни за органите на прогонот, донесе решение со кое го прифати предлогот на Јавното обвинителство и им определи мерка притвор во траење од 30 дена поради постоење на основи од член 165“, велат од Кривичен суд.
Претходно, Кривичниот суд Скопје одлучи да им бидат одземени пасошите на други 4 лица инволвирани во истрагата „Државна лотарија“.
Груби и Бајрами како осомничени за кривичното дело „Измама во служба“ по член 354 од Кривичниот законик кој предвидува казна од најмалку четири години затвор.
Останатите четворица осомничени, на кои им се одземени пасошите, се товарат за злоупотреба на службената должност, и за нивното дело е пропишана казна затвор од најмалку 5 години.
Штетата направена на Државна лотарија, според Обвинителството, е над 500 милиони денари или околу 8,2 милиони евра.
Првоосомничениот Бајрами според Обвинителството доставил информација до Владата во својство на Собрание на акционери на Друштвото за потребата од самостојно организирање електронски игри на среќа. Со оваа информација тој предложил да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали, меѓутоа, според Обвинителството, поради вредноста на набавката, Законот предвидува постапка за одобрување од страна на Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од страна на Собранието на акционери.
„Предлогот е поднесен иако осомничениот знаел дека набавката е непотребна, со оглед на тоа што Државната лотарија, согласно Законот за игри на среќа, нема право самостојно да организира слот-игри на територијата на државата, со оглед на тоа што од 2013 година тоа право е доделено на Државната видеолотерија„Казино Австрија“.
Од друга страна, Артан Груби, како второосомничен, иако знаел дека конкретното барање за набавка на ВЛТ терминали е незаконско и дека „Државна лотарија“ нема право самостојно да организира слот-игри на територијата на државата, на 6 јуни 2023 година, како вицепремиер, ја водел владината седница во својство на Собрание на Акционерското друштво, иако бил свесен дека Собранието на акционери нема право да одлучува за набавката.
На седницата била одобрена информацијата и „Државна лотарија„ била должна да преземе активности за отпочнување на самостојно организирање на игри на среќа и да набави ВЛТ уреди.
Потоа, Бајрами ги донел потребните одлуки, спровел јавни набавки и потпишал договори во вкупен износ од 8,2 милиони евра за набавка на апарати. И покрај тоа што биле купени, апаратите никогаш не биле користени, велат обвинителите.
Останатите четворица осомничени се претседател и членови на комисииите за јавни повици. Тие се осомничени дека користејќи службени овластувања и должности, го спровеле јавниот повик за пренесување на правото за организирање на онлајн игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во овој случај не треба да се спроведе, бидејќи не се исполнети законските услови. По спроведувањето на постапката, комисијата изготвила извештај со кој констатирала дека четири понудувачи ги исполниле условите за потпишување на договор за заедничко вложување, иако понудувачите не ги исполниле условите за потпишување на договори за организирање на игри на среќа./Алсат.мк
Суад Бајрами