
Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, во прво читање денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што се наведува во причините за носење на изменитe и дополнувањата, во законот се вршат одредени интервенции со цел постигање на чекорите планирани со Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Земјите од Западен Балкан.
Како дел од Реформската агенда се предвидени повеќе реформи во делот на управувањето со јавните финансии, меѓу кои и реформата – Зајакнување на системот на јавните набавки. Во рамки на оваа реформска заложба се предвидени чекори кои се однесуваат на намалување на користењето електронски аукции и зголемување на користењето на е-пазарот, и тоа: користењето електронски аукции во постапките за јавни набавки во фискалната 2025 година, да се намали до најмногу 40% од бројот на објавените постапки, со рок за реализација декември 2025 година и Електронскиот пазар за набавки од мала вредност да се користи за доделување на најмалку 800 постапки (договори за јавни набавки), со рок за реализација декември 2026 година.