Од СДСМ бараат оставка од Тошковски

Веќе петти ден поранешниот вицепремиер Артан Груби е недостапен за органите на прогон и нема никакви детали од полицијата околу неговото враќање назад во земјава. Косовските медиуми пишуваат дека тамошните власти ја добиле информацијата дека за Груби има распишано меѓународна потерница и дека доколку биде забележан на територијата на оваа земја истиот треба да лишен од слобода. Во меѓувреме, денеска опозицијата го повика министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да си поднесе оставка. СДСМ го обвинува Тошковски дека полицаец кој тој го поставил на граничниот премин Блаце дозволил Груби да побегне, како и дека се лажни информациите од МВР дека полицаецот е суспендиран.
„Полицаецот Б.Ј истиот ден откако го пропуштил Груби земал боледување. Со тоа, де факто не може да биде суспендиран се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити, или пак, чека да се забоошоти целата оваа ситуација? И зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична пријава? Понатаму, до кога ќе удира Тошковски по самарот во услови кога тој лично и целата акција која ја предовдел затаила, или како што се соменваме, е намерно изведена така за да се пропушти Груби, рече Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Од друга страна, власта денеска обвинува дека токму СДСМ била свесна за криминалните активности на Груби во државна лотарија, но дека не реагирале за да не падне владата.
„СДС се виновни што Артан Груби со години ја крадел државата и влијаел врз судството. Соучесник во криминалот му бил Димитар Ковачевски, претходникот на Венко Филипче. И МВР под капата на СДС знаеле за криминалот на Груби. Со години немало никаква реакција од институциите под капа на СДС, затоа што раководството на таа партија сакало да остане на власт по секоја цена. И Венко Филипче знаел дека Груби е корумпиран, но не презел ништо. ВМРО-ДПМНЕ со години зборува за криминалот на Груби, но СДС дозволија тој да метастазира до невидени размери“, рече Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Артан Груби се бара како второсомничен за злоупотреби во државна лотарија и сомнежи за криминал од над 8 милиони евра, а за него и за првоосомничениот во овој случај – ексдиректорот на државна лотарија Перпарим Бајрами, МВР вчера распиша и меѓународни потерници. Од МВР вчера објавија дека за двајца полицајци ќе се водат дисциплински постапки поради пропуст при преминот на Груби од Македонија во Косово преку граничниот премин Блаце, како и дека едно од овие лица е суспендирано од работа се до целосно расчистување на случајот.
Михајло Донев