ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Долг на Водовод Струга од 290.000 евра

Јавното претпријатие Водовод и канализација Струга, поради блокирана жиро сметка, не може да го подмири долгот за струја во висина од скоро 290.000 евра, направен за период од само една година. Поради тоа сега Општината го презема долгот, за да не се случи најлошото, стружани да останат без вода, односно пумпните станици  да бидат исклучени од електро-енергетскиот систем.

Advertisements

„Вакви долгови општината не би требало да покрива и треба да се побара одгворност. Граѓаните на  Струга, оние кои живеат на вода се соочуваат со есенцијално прашање поврзано со водата и освен високите сметки за вода, треба да покриваат и долгови кои настануваат нерационално“, рече Никола Кукунеш, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сега веќе е создадено едно непишано правило каде Општина Струга ги превзема плаќањето на долговите на Јавните Претпријатија основани од страна на Општина Струга и нема никаков проблем во овој поглед, туку тоа што континуирано се создаваат долгови во рамките на Јавните Претпријатија на Општината и никој не превзема одговорност и не одговара за овие настанати ситуации“, велат од Алијанса на Албанците, Струга.

Од ДПМНЕ велат дека Водовод наплаќа само 35 % од вкупно испорачаната вода, а пумпите трошат струја за 100% од испорачаната вода, односно дека претпријатието на годишно ниво има загуба во вода од 61,5 % од вкупно испорачаната во систем. Дополнително велат граѓаните плаќаат за неквалитетна вода, за вода која честопати не е навреме доставена, поради честите дефекти кои траат и по неколку дена.

„Тоа значи дека овие средства кои пумпите ги искористиле во поглед на црпење на електрична енергија за да се дистрибуира водата во системот значи дека 61,5 од таа потрошена електрична енергија отишла кој знае каде и затоа граѓаните на Струга треба да подмират сметка и да платат долг кој е настанат по тој основ“, рече Никола Кукунеш, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

ДиректоротДашмир Насуфи за Алсат вели дека претпријатието е со блокирана жиро сметка, поради што работеле со времена рамка во висина од 8 милиони денари, од кои 7 милиони оделе за исплата на плати и други обврски.

„Побаравме од судот, зголемување на времената рамка на 10,5 милиони денари за да функционираме нормално, но тоа беше одбиено. Поради тоа неможеме да извршиме наплата на долгот кон ЕВН. И за да градот не остане без вода, бевме принудени да побараме помош од општината, за исплата на долгот, иако после долги години, претпријатието во последното тромесечје е 3 милиони денари во плус“, вели Насуфи.

Струга се соочува и со стара и дотраена водоводна мрежа, поради што доаѓа до чести дефекти во системот.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button