
Проширувањето на Европската унија е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и Европскиот совет ги поддржува своите заклучоци за проширувањето одобрени на 17 декември 2024 година, се вели во заклучоците од Самитот на ЕУ одржан во Брисел. Од унијата додаваат дека имајќи ја предвид новата динамика во процесот на проширување во согласност со принципот за пристапување засновано на заслуги, и Унијата и земјите аспиранти за членство имаат одговорност максимално да ја искористат оваа можност.
Лидерите на членките на ЕУ разговарале и за активностите на Русија и за нејзината, како што велат, „хибридна кампања“ што вклучува саботажи, нарушување на критичната инфраструктура, кибер напади, манипулации со информации и мешање и обиди за поткопување на демократијата, вклучително и на изборните процеси во Европската Унија и нејзините земји членки.
„Европската унија и земјите членки ќе продолжат да ја зајакнуваат својата отпорност и целосно да ги користат сите расположливи средства за спречување, одвраќање и одговор на хибридните активности на Русија“, се додава во заклучоците.