Санацијата на главниот цевковод треба да заврши за помалку од 15 часа

Од утре, рано наутро, ќе почне акцијата за санација на главниот цевковод во Скопје. На терен на предвидените локации ќе работат Секторите ЕОК, Механизација и Водовод. Се очекува оваа операција да заврши за помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод, соопшти денеска ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Оттаму посочуваат дека согласно Оперативниот план за санација на затварачите на градска водоводна линија Ф1600мм, Сектор Водовод превзема бројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.
„Во процесот на активности Сектор Водовод првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф1600мм. По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност Сектор Водовод со екипи составени од 6 пункта носители на работата со обезбедена испомош на конкретни работници од други пунктови ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот“, се наведува во соопштението.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје апелираат да се внимава со пренесувањето на информации и да не се предизвикува страв и паника кај граѓаните за неколкучасовното немање вода.