ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски не го потврди ставот на Меџити дека Артан Груби е во Албанија

Мицкоски не го потврди ставот на Меџити дека Артан Груби е во Албанија

На директно новинарско прашање за изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека Груби повеќе не е на Косово, туку во Албанија, премиерот кажа „различни се информациите“ и дека не сака да „шпекулира“

Advertisements

На обвинувањата од СДСМ дека власта дозволила Груби да избега, возврати дека тоа не се пораки во насока на одлучна борба против корупцијата и криминалот

Првиот човек на Владата, Христијан Мицкоски, денеска одби да ги потврди јавно изнесените информации од еден од неговите заменици, Изет Меџити, дека поранешниот висок партиски и владин функционер, Артан Груби, во моментов е во бегство во Албанија, а не во Косово.

На директното прашање за коментар, по вчера пренесената изјава на Меџити за локацијата на Груби, премиерот изјави:

„Различни се информациите. Не би шпекулирал сега дали е во Албанија, дали е на Косово. Факт е дека не бил чист како солза бидејќи ако бил чист како солза немало потреба да биде бегалец од правдата туку ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“,изјави Христијан Мицкоски.

На новинарските прашања за коментар по вчерашните обвинувања од СДСМ, дека ВМРО-ДПМНЕ го пуштиле Артан Груби да избега, и ставот на ДУИ дека Груби веќе не е нивни член, Мицкоски не одговори директно.

„Мислам дека ниту едните, ниту другите пораките коишто ги испраќаат во јавноста не се пораки коишто се пораки во насока на одлучна борба против криминалот и корупцијата. Ние за ова алармиравме многу пати во минатото. Оваа коалицијата којашто функционираше беше навистина заштитник. Не само на политичките криминалци туку и на вистинските криминалци“, изјави Мицкоски.

Како доказ за посветеноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата на актуелната влада, Христијан Мицкоски ја посочи акцијата на СВР Скопје и Бирото за јавна безбедност против криминалната група „Беланоца-Барон“. Кажа дека за време на мината влада ваквите групи биле недопирливи. А најави разбивање и на други такви структури.

„Продолжуваме во нашата одлучна битка за разбивање на ваков тип на криминални структури, но и на повикување на одговорност на политички криминалци коишто изминативе седум годни буквално ја пустошеа Македонија. Повикувам граѓаните да бидат мирни, спокојни. И да знаат дека оваа Влада буквално води сметка за се она што треба да ја гарантира нивната безбедност“,изјави Христијан Мицкоски.

Изјавата дека Артан Груби е во Албанија, Изет Меџити ја даде на настап за албанската ТВ станица „Ора њуз“. Вчера, одби да го повтори ставот за домашните медиуми велејќи дека тоа не е работа на политичарите.

Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над 8 милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button