Дали ќе се покрене одговорност за членовите на Судски совет
Дали ќе се покрене одговорност за членовите на Судски совет

Откако извештајот за работата на судскиот совет за 2023 година не помина во Собранието останува отворено прашањето – дали пратениците ќе побараат отповикување на членовите во Советот кои тие ги избрале? Најмногу пратеници во Собранието има владејачкото мнозинство, па во Влада прашавме дали се подготвува вакво сценарио во Советот, но оттаму прстот го вперија кон сите пратеници, одговарајќи дека тие ќе продолжат со реформите во правосудниот систем.
“Како Влада ги истакнуваме заложбите за спроведување на клучни реформи во правосудството, борбата против корупцијата, а со цел да ја приближат нашата држава до европските стандарди и за овие значајни прашања посветено сме фокусирани”, велат од Влада.
Бидејќи извештајот останува блокиран во Собранието и истиот доби многу негативни критики за работата на советот, постои можност членовите избрани во Собранието да бидат отповикани, но тоа не е нужно да се случи, објаснуваат од Коалиција сите за правично судење.
„Усвојувањето на извештајот од страна на Собранието е механизам за контрола и согласно закон е основ односно претставува можност да се поведе постапка за одговорност на членовите на советот од телата кои ги избираат, но тоа не е законска обврска, туку е законска можност, така што допрва останува да видиме во која насока ќе се движат работите„, рече Дарко Аврамовски, Коалиција Сите за правично судење .
Вкупно петмина членови на советот, се во потенцијален ризик да ја загубат својата позиција, а конкретно станува збор за – Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска. И додека останува да се види дали советот ќе доживее уште еден удар по неотповикливата оставка на претседателката Весна Дамева, чиј наследник сеуште не е избран, советот пред три дена и официјално доби двајца нови членови – судиите Аритон Ала и Данка Ристова. Овие двајца судии доаѓаат на местото на Лорета Георгиева и Мирсад Сурои чиј мандати истекоа овој месец. Советот допрва ќе треба да избира претседател, иако оттаму не кажуваат за кога е закажана оваа седница. Во меѓувреме, во организација на Министерството за правда завршија консултациите со сите експерти за изготвување на нов закон за Судски совет, за кој судиите изразија надеж дека ќе ја зголеми транспарентноста и ќе ги намали политичките влијанија во советот. Токму новите измени ќе ги зголемат критериумите за избор на член на советот, а за првпат за членови ќе може да се бираат и од редот на адвокатите и професорите. Новиот закон за судски совет треба да биде донесен до јуни следната година./Алсат.мк
Михаило Донев