100 електрични автомобили, достапни за скопјани
100 електрични автомобили, достапни за скопјани

Загадувањето на Скопје урива рекорди. Синоќа и утрово, главниот град беше петти најзагаден град во светот и прв во Европа. Само градовите во Индија, Пакистан, Бангладеш и Непал се позагадени од Скопје.
Воздухот во Скопје е класифициран како нездрав и препораките се да се носат маски, да не се излегува на улица и да не се отвораат прозорци.
Надлежните, како обид за преземање мерки, денеска презентираа уште еден проект, за кој велат дека значително ќе влијае на намалување на загадувањето. „Avant car“ или „share car“ е проект кој ќе овозможи достапни електрични автомобили за сите во главниот град.
„Сè што ви треба е апликација за телефон која е клуч за секој автомобил што ќе биде на пат. Само ќе го најдете автомобилот кој е слободен, ќе го резервирате, ќе го отворите, ќе го возите автомобилот и кога ќе го завршите патувањето, ќе го оставите автомобилот на паркингот наменет за таков тип на автомобил. Плаќањето се врши автоматски од вашата банкарска картичка или на кој било друг дигитален начин, преку телефон“, рече Матеј Чер, Групација Avant Car.
100 вакви автомобили веќе се во Скопје. Тие ќе бидат распоредени на 40 локации и ќе заменат 1.500 автомобили во сообраќајот. Во февруари следната година ќе започне фазата на тестирање, а во март ќе започне целосната имплементација на проектот. Властите сметаат дека ваков автомобил заменува 10-20 автомобили а во земјите каде што се спроведува со години, во Австрија, Словенија и Хрватска, луѓето се откажале од втор или трет автомобил во семејството. Цената на патувањето ќе биде пониска од цената на таксито.
„Конечната цена ќе биде претставена во февруари, пред да почнеме. Може да очекувате дека за патување цената ќе биде 3-6 евра во просек. Превозот од центарот на Скопје до аеродромот може да биде помеѓу 10 и 15 евра“, рече Матеј Чер, Авант Кар Груп.
Министерството за животна средина и енергетика ја поздравува инвестицијата.
„Потпишувањето на писмото за намери за поддршка на системот за споделување електрични автомобили е конкретна акција за решавање на еден од конкретните предизвици со кои се соочуваме, загадениот воздух. Ова е можност кон поздраво и позелено Скопје, да овозможиме да биде град кој се грижи за своите граѓани“, нагласи Изет Меџити, министер за екологија.
Проектот ќе биде завршен во 2030 година со 1.000 автомобили во сообраќај, кои се очекува да заменат 15.000 приватни автомобили во сообраќајот./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши
Конечната цена ќе биде објавена во февруари.
Едно патување во просек од 3 до 6 евра
Превоз од Скопје до аеродром од 10 до 15 евра
30 милиони евра до крајот на годината
Енергија од обновливи извори.