
Снег, силен ветер и одрони предизвикуваат значителни проблеми во сообраќајот во Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.
Дел од хрватските патишта се затворени за сообраќај, а според најавите на метеоролозите до крајот на денот се очекуваат уште посериозни временски непогоди.
Затворен е автопатот од Загреб-Плоче-Караматичи меѓу јазлите Свети Рок и Поседарје, како и неколку патишта во Сплитско-далматинската жупанија.
Поради ветерот и наносите снег во прекин се и некои фериботски и катамарански линии.
Снегот, кој постојано паѓа од вчера, го отежнува сообраќајот и во поголемиот дел од Босна, додека во Херцеговина коловозите се влажни. Според Босанско-херцеговачкиот автомото клуб (БиХАМК) посебно внимание е потребно на делниците преку планинските премини, каде што има набиен снег на патиштата. Оттаму потсетуваат дека за товарни возила е задолжително користење синџири на овие делници.
Поради снежното невреме, сообраќајот е целосно запрен меѓу четири општини во југозападна Босна, како и на граничниот премин кон Хрватска во Изачиќ, известуваат од Автомото сојузот на БиХ. Службите предупредуваат на нови снежни врнежи што дополнително можат да го отежнат сообраќајот.