
Финскиот премиер Петeри Орпо денеска соопшти дека е оштетен подводниот енергетски кабел што ги поврзува неговата земја и Естонија, пренесува „Гардијан“, додавајќи дека станува збор за последен од серијата инциденти со енергетски кабли и гасоводи во Балтичкото Море.
Во врска со случајот, шефот за операции на финската електрична мрежа, Арто Пахкин за јавниот радиодифузен сервис изјавил дека во моментов не може да се исклучи дека станува збор за саботажа.
Според финскиот премиер, оштетувањето на кабелот не влијаело на снабдувањето со електрична енергија во земјата.
„Властите остануваат будни дури и за време на Божиќ и ја истражуваат ситуацијата“, напиша тој на платформата Икс.
Според финскиот оператор за пренос на електрична енергија „Фингрид“ протокот на струја преку кабелот Истлинк 2 (EstLink 2) што испраќа електрична енергија во Естонија бил прекинат во 12:26 часот по локално време, односно 11:26 часот според средноевропско време.
Минатиот месец два телекомуникациски кабли во Балтикот што ги поврзуваат Шведска и Данска исто така беа оштетени.