Ангеловска-Бежоска: Стабилноста на денарот е загарантирана

Стабилноста на денарот е загарантирана, а девизните резерви годинава се околу 40 отсто над нивото од периодот пред пандемијата, вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската телевизија. Таа додава дека се очекува постепено стабилизирање на инфлацијата и следната година.
Гувернерката, како што информира Народна банка, нагласила дека НБ преку своите мерки успеала да ја одржи макроекономската стабилност, како и стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото.
Говорејќи за нивото на девизните резерви, како главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот, гувернерката посочува дека тоа е значително повисоко во однос на претпандемичниот период и нагласи дека се должи на постојаниот откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар во изминатите две години.