СДСМ: Бегство на Груби е договорено

Ниту десет дена по бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби нема одговори за тоа каде се наоѓа и кога ќе биде обезбеден во земјава. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на пратенички прашања повторно го повика Груби да се врати во земјава, истакнувајќи дека тој мора да се соочи со правдата. Тошковски рече и дека покрај полицаецот кој направил кардинална грешка и го пропуштил Груби со дипломатско возило да ја напушти државата, во тек е истрага и дали некој му помагал.
„Се истражува дали е сторена ненамерна грешка или пак со умисла и организирано е настанато сето ова. Се обезбедени мобилни телефони, се обезбедени други материјални докази и Јавното Обвинителство координира една темелна истрага во овој дел така да за брзо ќе ја утврдиме во целост фактичката состојба и ќе го расветлиме и овој факт во јавноста дали станувало збор за организирано бегство или пак само за ненамерка грешка на полициски службеник“, рече Тошковски.
За СДСМ пак, виновник за бегството на Груби е ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму порачуваат дека бегството на Груби е порака за нефункционалност на државата.
„За бегството на Артан Груби, имаме ситуација која упатува на два можни заклучоци, односно претпоставки. Првата е дека државата, односно институциите на системот целосно затаиле. Втората претпоставка е дека имаме договорено бегство, односно врз основа на некаков си договор Артан Груби е пуштен да ја напушти државата. Трето не може да биде“, вели Митко Трајчулески, пратеник на СДСМ.
За Груби најпрво се шпекулираше дека е во Косово, па во Албанија, но засега нема официјален став од МВР затоа каде се наоѓа поранешниот вицепремиер за кого е распишана и меѓународна потерница. Груби е второосомничен за злоупотреби во Државна Лотарија, за кои вчера премиерот Мицкоски рече дека се многу поголеми од осум милиони евра како што се пишуваше претходно. Покрај Груби, како првоосомничен во овој случај се води поранешниот директор на лотарија Перпарим Бајрами, кој исто така не е во државата, а чиј адвокат рече дека тој не е во бегство туку од пред неколку месеци е отселен од Македонија.
Михајло Донев