Ново обвинение за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, побарани мерки на претпазливост

Основното јавно обвинителство Струга до струшкиот суд достави предлог за определување мерки на претпазливост за актуелниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко, односно одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница и обврска тој повремено да се јавува во Судот. Мерките се побарани поради опасност од бегство, имајќи предвид дека во текот на вчерашниот ден ОЈО Струга поднесе уште едно обвинение против истото лице, велат од Јабното обвинителство.
Струшкиот градоначалник, Мерко нема да може да патува надвор од државата, откако вчера попладне му беше одземен пасошот. Од Основното јавно обвинителство до струшкиот суд доставиле предлог за определување мерки на претпазливост, односно одземање на патна и друга исправа и обврска тој еднаш неделно да се јавува во Судот во Струга. Основниот суд Струга веднаш го прифатил предлогот.
„Мерките се побарани поради опасност од бегство, имајќи предвид дека во текот на вчерашниот ден ОЈО Струга поднесе уште едно обвинение против истото лице. Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон“, велат од ОЈО Струга.
Во меѓувреме ОЈО денес поднесе уште едно обвинение против Мерко.
„Како градоначалник на Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја“, додаваат од ОЈО Струга.
Станува збор за спомен плоча, која беше поставена на влезот од општинската зграда, а на која пишуваше: Основно училиште „Kонгрес во Битола” – 1-ви септември 1941 година. Од ВМРО ДПМНЕ тогаш реагираа дека истата била поставена надвор од сите правни процедури, без гласање на Советот по системот на Бадентер, со што се величал фашистичкиот период во кој Струга била под италијанска окупација,а чиј соработник била Кралска Албанија.
Адвокатот на Мерко, Игор Петковски, поднесе жалба на ваквата одлука. Тој вели дека неговиот клиент, не го добил обвинението, туку само решението за мерки на претпазливост.
„Во поткрепа на овие наводи доставуваме и докази од кои произлегува дека прекршочната постпака е правосилно завршена, што упатува на заклучокот дека кривичната постпака воопшто не би требало да биде поведена, со оглед дека постои законска забрана за гонење и судење за исто дело“, вели Петковски.
Во моментот против Мерко, се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна велат од струшкото обвинителство.За него се водат судски процеси за незаконско поставување на директори во неколку основни училишта во Струга и струшко, како и за набавката на луксузното Ауди А6, кога општината била со блокирана жиро сметка.