ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

2024 ја завршивме со јавен долг од 9.7 милијарди евра

2024 ја завршивме со јавен долг од 9.7 милијарди евра

Граѓаните на Македонија ја завршуваат 2024 година со јавен долг од 9,7 милијарди евра или 62,7 отсто од Бруто домашниот производ. Секој жител на земјава всушност има долг од околу 5300 евра. Ова нема врска со долгот на граѓаните кон банките, туку со парите што ги троши државата за разни намени. Јавниот долг всушност изнесуваше 8,8 милијарди евра во третиот квартал од 2024 година, но оваа сума се зголеми по заемот на државата од Унгарија за субвенционирање на општините за инфраструктурни проекти. Дополнително, Владата неодамна постигна договор за поддршка на бизниси до 10 милиони евра по бизнис. Како што и најави, Владата позајми 1 милијарда евра од Унгарија. За развој на општините беа наменети 500 милиони. Парите се поделени во два дела, 250 милиони сега и 250 милиони кои треба да се распределат следната година. Додека останатите 500 милиони Владата ќе ги искористи за плаќање на долгот кон Европската банка од 2018 година. Рокот за враќање на овој долг истекува на 25 јануари оваа година.

Advertisements

Покрај зголемувањето на јавниот долг, граѓаните се соочија и со зголемување на минималната потрошувачка кошничка која во декември изнесуваше приближно 63.000 денари, додека во декември лани беше 56.522 денари. Ова доаѓа следствено, откако поскапеа основните производи за живот.

За да им помогне на граѓаните во нивните потреби, Владата неколку пати во текот на годината одредуваше профитни маржи за илјадници прехранбени производи со цел да ги намали малопродажните цени. Но, овие мерки никогаш не беа задоволителни за граѓаните. Последната мерка на Владата, новогодишната кошничка, всушност беше договор меѓу Владата и стопанствениците, тие доброволно да ги намалуваат цените на производите, но всушност се констатираше дека маркетите вештачки ги покачиле цените однапред со цел со објавениот попуст да се врати на старата цена. Како дел од мерките на Владата, беше и намалување на маржата за училишен прибор, во пресрет на почетокот на учебната година во септември. Цените на приборот беа намалени од 5 до 10%, а кај повеќето разликата во цената беше 1, 2 или 5 денари.

Мерката која ја поздравија граѓаните, особено пензионерите, беше одлуката за зголемување на пензиите за 2.500 денари, а повторно во март оваа година ќе се зголемат за нови 2.500 денари. Така минималната пензија ќе изнесува нешто повеќе од 18 илјади денари.

Покрај пензиите, Владата во март ја зголеми и минималната плата која сега изнесува 22.567 денари. Ова зголемување дојде во рамките на член 4 од законот за минимална плата, чија висина, во март секоја година, се усогласува со зголемувањето на нето-платата исплатена за претходната година 50 % и 50% од зголемувањето на индексот за трошоци за живот за минатата година. Истото ќе се повтори и во март оваа година. Но, синдикалците велат дека минималната плата се уште е прениска и таа треба да изнесува најмалку 450 евра. Во меѓувреме, просечната плата во октомври 2024 година, според Државната агенција за статистика, била нешто над 42.000 денари.

Буџетот за 2025 година, според Министерството за финансии е развоен и има социјални компоненти. Општите приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, додека расходите се околу 400 милијарди денари, со што буџетскиот дефицит е проектиран на вредност од 41,3 милијарди денари или 4% од планираното бруто-домашниот производ. Според буџетот, економскиот раст е проектиран на 3,7% а инфлацијата на 2,2%.

Зекирија Хаџиу

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button