2024 целосен застој на евроинтеграциите на Македонија
2024 целосен застој на евроинтеграциите на Македонија

Заврши уште една година во која Македонија не тргна по европскиот пат, а Бугарија не попушти околу уставните измени што ги бара од Скопје, како услов за отворање на поглавјата за членство.
Новата влада на Мицкоски потврди дека стратешки интерес на државата останува полноправно членство, но не под секакви услови. Годината која помина во главно се чекаше да се формира политичка влада во Софија со која би почнале преговорите, но се чини дека тоа нема да се случи уште некое време. Скопје бара гаранции дека Бугарија нема да има други барања поврзани со билатерални прашања во текот на процесот.
Ова ја остави земјава назад, одвојувајќи ја од пакетот со Албанија, која ги отвори поглавјата за членство без Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски, по посетите на Брисел и средбите со европските претставници, изрази уверување дека вратите на ЕУ наскоро ќе бидат широко отворени. Засега не е откриен конкретен план како тоа ќе се постигне.
Официјална Софија вели дека Скопје сега треба да преговара со ЕУ, а не со Бугарија. Рамката за преговори каде што уставните измени се неопходен услов кој нема да се промени.
„Ако државните лидери на Северна Македонија навистина сакаат членство во ЕУ, треба да ја исполнат преговарачката рамка и договорот за добрососедство. Тоа е многу јасно“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.
Во 2025 година, земјата влегува во својата 21 година како кандидат за членство во унијата.
Фатлуме Дервиши