Православните христијани го слават Бадник

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик. Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.
Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање.
Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Тој Го чека Бога со насочени мисли, чувства и волја кон Него.
Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.
Кум на годинашното одбележување е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.
Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.