ОН: Над 900 луѓе лани биле егзекутирани во Иран

Над 900 луѓе, наводно, биле егзекутирани во Иран минатата година, вклучително и околу 40 во една недела во декември, изјави на 7 јануари високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк
„Длабоко вознемирувачки е тоа што повторно гледаме зголемување на бројот на луѓе подложени на смртна казна во Иран од година во година“, изјави Турк, додавајќи дека најмалку 900 луѓе наводно биле егзекутирани во 2024 година.
„Крајно време е Иран да го спречи овој зголемен бран на егзекуции“, додаде тој.
Иран користи смртна казна за големи кривични дела и злосторства како убиства, трговија со дрога, силување и сексуални напади.
Исламската република погубува повеќе луѓе годишно од која било друга земја, освен Кина, за која немаат конкретни податоци меѓународните организации за заштита на човекови права, вклучително и Амнести интернешенел.
Активистите за заштита на човекови права се повеќе се вознемирени поради порастот на бројот на луѓе кои се обесени во Иран.