Новиот Деловник на Собранието за власта добар, за опозицијата механизам за нивно задушување

Новиот Деловник за работата на Собранието се покажа како добар во делот на надминување на неоснованите блокади кои се случуваа во минатиот состав со поднесување на илјадници амандмани. Пратениците кои ги контактираше МИА велат дека новиот Деловник го прави Собранието поефикасно без притоа политиката да доминира во него, туку мерит системот на носење на актите.
Новина во новиот Деловник е и одржувањето на седници за поставување пратенички прашања на кои прашањата ги поставува само опозицијата во времетраење од два часа.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во изјава за МИА нагласува дека новиот Деловник е добар и е нешто добро за демократијата во државата. Вели дека како и кај секоја новина, нормално е дека малку потешко се навикуваат пратениците, затоа што, како што вели, со стариот Деловник подолго време функционирало Собранието.
– Со оглед на тоа дека консензуално беше договаран повеќе години, сметам дека и самиот концепт на Собранието се промени во насока да биде нешто слично како германскиот Бундестаг, каде што ќе има предвидлив протокол од моментот кога ќе влезе некој материјал конкретно закон додека излезе. Сметам дека на таков начин го прави поефективно Собранието без притоа политиката да доминира во него, туку да доминира мерит системот на носење на актите, што е добро за граѓаните. Нормално дека малку е тешко со оглед дека од новиот мандат прв пат е во сила, да се навикнат пратениците, со оглед дека со стариот Деловник функционирало подолго време. Но е нешто на кое што ќе се навикне и сметам дека е добро за демократијата во државата, бидејќи се даваат алатки и на опозицијата да реагира, но и на јавноста доволно време да се запознае со актите и да најде начин да ги промени, вели Стојаноски.
Илире Даути, пратеничка на „Европски фронт“ смета дека новиот Деловник бил донесен со надеж за зголемување на ефикасноста и демократијата во земјата, но посочува дека тој има ограничувања кои се злоупотребуваат од власта за да се задуши опозицијата.
– Новиот Деловник е производ на процесот Жан Моне, дијалог меѓу сите политички партии и помош на меѓународните пријатели. Овој Деловник беше донесен со надеж за зголемување на ефикасноста и демократијата во земјата. Но, за жал, како и многу други работи, и новиот Деловник и ограничувањата предвидени во него, денеска се злоупотребуваат од страна на парламентарното мнозинство и актуелната власт за да се задуши опозицијата, да се задуши демократијата и мајоризација на сите етнички заедници во земјава, вели Даути.
Со почнувањето на работа на новиот парламентарен состав, почна и примената на новиот Деловник за работа на Собранието, кој беше изгласан во 2023 година во времето кога претседателот на Собранието беше Талат Џафери. Договорот за нов Деловник за работата на Собранието помеѓу пратениците и од власта и опозицијата беше постигнат во рамки на дијалогот „Жан Моне“ кој започна пред околу пет години со посредство на неколку европратеници.