МНР ја осуди изјавата на Костадинов и побара Софија да ја отфрли како непримерна

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија силно ја осуди денешната изјава на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, во која тој рече дека нема ништо пологично од припојување на Македонија кон Бугарија.
Од МНР велат оти ваквите злонамерни изјави од бугарски политичари, со кои се изразуваат територијални претензии кон нашата држава, се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на земјата и се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење на добри меѓусоседски односи.
„Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување на траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, велат од Министерството.
Претходно денеска и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара Софија да реагира, а ЕУ да ја осуди изјавата на Костадинов. Дополнително, изрази очекување Владата да соопшти итни конкретни мерки за ваквите, како што рече, иредентистички изјави и активности, и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.