ВЕСТИЕКОНОМИЈА

УЈП: Регистрација и дерегистрација на ДДВ обврзници до 15 јануари

Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2024 година, оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).

Advertisements

Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инжињерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2024 година сте оствариле промет над  2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ, посочуваат од УЈП.

Вкупен промет за целите на  ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги.

Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пр: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др.

Исто така во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници.

Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога сте ја вршеле дејноста, истиот се дели со бројот на месеците на работење и се множи со дванаесет при што се добива вкупен годишен промет, објаснуваат од УЈП.

-На пример: Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2024 година, а месечната закупнина изнесува 200.000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна:

Бруто приход за 6 месеци: 1.200.000 денари
Месечен бруто приход: 1.200.000 / 6 месеци=200.000 денари
Вкупен годишен приход: 200.000 * 12 месеци=2.400.000 денари

Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button