
Трошоците за живот во декември минатата година се зголемиле за 4,4 отсто, а основните производи за живот поскапеле за 4,3 отсто, па илјадници семејства живеат со плати кои не се доволни за подмирување на основните трошоци, обвинува денеска опозицијата. Според СДСМ, платите стагнираат, трошоците за живот растат, а прстот го вперија кон владејачката партија.
„Владата на ДПМНЕ останува нем сведок и директен соучесник во осиромашувањето на народот. Лажните „новогодишни кошнички“ кои требаше да донесат олеснување, завршија како фарса, големите трговци го зголемија богатството на сметка на народот. За период од 7 години СДСМ ја зголеми минималната плата од 8 илјади на над 20 илјади денари а просечната плата од 22 илјади на над 42 илјади денари“, рекоа од СДСМ.
Владејачката партија пак веднаш со своја реакција на ваквите тврдења на опозицијата – обвинуваат дека во време на владеењето на СДСМ граѓаните денот го минувале со 150 денари, а потсетуваат и дека минатите години земјава ги завршувала со двоцифрена инфлација. Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, тврдат дека економијата сега е стабилизирана.
„Според проекциите на Народна банка годинава се очекува раст на БДП од 3,3 отсто и дополнително инфлацијата да се намали до ниво од 2,5 отсто. Друг показател кој покажува дека владините економски мерки даваат резултати се и најновите податоци на Европската комисија, каде што според Индексот за економско расположение, Македонија е меѓу земјите кои 2024 забележа најголемо подобрување на економскиот сентимент“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Уште од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт траат прекупувањата меѓу власта и опозицијата за тоа кој придонел повеќе за повисок животен стандард на граѓаните. Неодамна власта воведе новогодишна кошничка која вклучуваше околу 1.000 производи, но истата помина со бројки критики од опозицијата, кои обвинуваа дека во реалноста и нема никакво намалување на цените. Сепак, вакви слични празнични намалувања на цените власта најави дека ќе се случуваат и во наредниот период.
Михајло Донев