Неасфалтирана улица зимски кошмар за жители на скопско Визбегово

Жителите на улицата „Африм Житија“ во Визбегово стравуваат од доаѓањето на есен или зима.
Целата кал завршува во дворовите на куќите. Жителите од оваа населба се жалат дека општина Шуто Оризари подолго време не ги земала предвид нивните барања за асфалтирање на улицата. Оваа населба немала ни канализација, туку сами ја изградиле, инвестирајќи над 100 илјади евра.
„Живеам во Скопје а не можам да ја излезам од дома поради каллта. Децата не можат да одат на училиште, луѓето не можат да одат на работа. Ги оставивме автомобилите од калта во дворот. Не знаеме чиј е проблемот државен или општински, многу сме запоставени. Децата одат на училиште со два пара чевли, одат со најлонски кеси, ги ставаат во чевлите и потоа ги вадат“, вели Фидаим Аслани – жител на Визбегово
„Минатата година поради канализацијата бевме уште полошо отколку сега. Но, самите жители од населбата презедоа иницијатива, ги собраа парите, и сами ја изградија канализацијата. Не чинеше над 100 илјади евра, канализацијата нè чинеше 120 илјади евра. Не навредиле дека наводно сме далеку, дека сме изградиле куќи среде нива, без урбанистички план. Односно, работите што треба да ги направи самата општина, ние како граѓани не можеме да ги направиме“, додева Ибиш Амати – жител на Визбегово.
„Можеби грешам што го кажувам ова, но во Блаце, Брест, Малино и Тануша има асфалтирани улици, а овде, како што кажа мојот колега, на 2 км од градот нема асфалт, нема канализација, нема струја, нема доволно вода, срамота, срамота“, реагира Јусуф Амати – жител на Визбегово.
Од општина Шуто Оризари велат дека за населбата „Долно Оризаре“ не стојат со скрстени раце, туку четири години чекаат на изработка на урбанистичкиот план од Агенцијата за урбанистичко и просторно планирање. Велат дека предлог-планот е готов, а општина Шуто Оризари дала свои согледувања. Го чекаат конечниот план бидејќи без него не се осмелуваат да интервенираат ниту во канализација, ниту во асфалтирање.
За да добијат асфалт овие жители ќе треба да чекаат уште најмалку 3 години. Како што рече градоначалникот Дудуш, изработката на урбанистичкиот план не е единствената процедура, туку одобрение се чека и од Министерството за транспорт, МЕПСО, Градот Скопје, па дури и самите жители.
Зекирија Хаџиу