Институциите се уште без одговор каде е бегалецот Груби
Институциите се уште без одговор каде е бегалецот Груби

Во моментов лично јас не знам каде се наоѓа Артан Груби, со оглед дека за него има меѓународна потерница, се надеваме дека истиот ќе биде испорачан, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски одговарајќи на новинарско прашање во врска со бегството на поранешниот вицепремиер осомничен за милионски злоупотреби во државна Лотарија. Коцевски рече дека Груби се наоѓал на стоп листата, направен е пропуст од полициски службеник и дека сега се води постапка против него.
„Во моментот на минување на границата, претходно неколку дена по наредба на основното јавно обвинителство Скопје беше дадена мерка стоп, што значи дека штом е таа дадена таа мерка стоп на сите граници наши, службеникот што ги проверува документите треба да провери и да види дали тоа лице може да ја помине границата или не. Она што министерот за внатрешни работи го соопшти е дека се работи за човечки фактор. Против лицето коешто го пропуштило е заведена постапка во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција„, рече Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител .
Токму постапката треба да утврди дали службеникот кој го пропуштил Груби е вмешан во неговото бегство или станува збор за грешка, во моментот кога Груби со диплматско возило премина во Косово. Во меѓувреме, министерот Тошковски неколкупати јавно го повикуваше Груби да се врати во земјава, а рече и дека доколку тоа не се случи, институциите имаат други чекори кои ќе го преземат за негово враќање. До МВР испративме прашања кои се тие чекори и на кој начин Груби може да биде вратен, како и дали ќе се оди преку барање за екстрадиција кога ќе биде утврдено каде се наоѓа, но до овој момент оттаму не одговорија на нашите прашања. Покрај Груби, во бегство е и Перпарим Бајрами, поранешниот директор на државна лотарија и првоосомничен во овој случај. Сепак, додека трае потрагата и по него, адвокатот на Бајрами тврди дека тој не е во бегство, туку дека е преселен од земјава. Официјално, институциите не одговараат каде се наоѓаат Груби и Бајрами, како и дали имаат сознание за тоа. И двајцата се осомничени за злоупотреби во државна лотарија, а премиерот Мицкоски рече дека тие злоупотреби се многу поголеми од сумата од осум милиони евра која првично се појавуваше во медиумите./Алсат.мк
Михајло Донев