
Новородените близнаци кои вчера починаа во Прилепско починале од премрзнување, соопштија од Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп.
Од болницата избестија дека вчера во 10:45 часот на Педијатриско било донесено новороденче женско бебе кое било во тешка состојба како последица од премрзнатост. По приемот во болница, извршени се интензивни медицински интервенции, бебето е интубирано и ставено во топло ќебе. Но и покрај тоа состојбата на бебето продолжила да се влошува и во 13 часот била констатирана смрт.
За новороденото машко близначе , од прилепската болница велат дека и тоа починало од истите причини – премрзнување во семејниот дом.
„На 30.12.2024 година, мајка родена 2001 година, во четврта бременост (близнаци) во нашата установа, спонтано се породи. Близнаците биле предвремено родени, родени во 34 гестациска недела. Првото новороденче, машко, при раѓањето тежело 1 кг и 970 грама, а второто женско 1 кг и 780 грама. На 10.1.2025 година, по барање на мајката и со нејзин потпис, новороденчињата се отпуштени од болница. На 16.1.2025 година во 10:45 часот на педијатрија било донесено женско новороденче во тешка состојба поради премрзнатост. Според достапните информации, машкото новороденче претходно починало дома од истата причина”, велат од Општа болница со продолжени дејности „Борка Талески“ – Прилеп.
„На 16.1.12025 година, во 11,00 часот од Општата болница Прилеп било пријавено дека во куќата на З.Р.(39) и В.Р.(23), во близина на Прилеп починало машко бебе старо неколку недели, а во болница во тешка состојба била донесена неговата сестра близначка, која исто така починала околу 13.00 часот“, велат од МВР.
Според јавниот обвинител Стевчо Биноски, новороденчињата биле во тешка здравствена состојби. Семејството во село Славеј побарало итна помош. Екипата на Итна помош по пристигнувањето констатирала смрт кај едното бебе, додека другото во тешка состојба било пренесено во прилепската болница каде што починало. Според обвинителот, семејството живее во исклучително лоши услови и има уште три деца.
Обвинителот нареди обдукција за да се утврдат причините за смртта на новороденчињата. Известени се и надлежните, меѓу кои и центарот за социјална работа во Прилеп./Алсат.мк
Авни Тахири