Хрватите открија отров во зелка увезена од Македонија – дали и ние ја јадеме истата?

Хрватските власти открија присуство на забранетиот пестицид, имидаклоприд, во пратка со зелка увезена од Македонија.
Станува збор за пестицид забранет во Европската Унија од 2020 година, а според истражувањата, може да предизвика невролошки нарушувања, оштетувања на срцето и бубрезите, како и проблеми со штитната жлезда. Дополнително, долготрајната изложеност на имидаклоприд е поврзана со респираторни проблеми и потенцијален ризик од смрт.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на Македонија потврди дека добила известување преку Системот за брзо предупредување за храна на ЕУ (РАСФФ) за присуство на имидаклоприд во пратка со зелка извезена во Хрватска.
Оттаму велат дека инспекциските служби веднаш започнале истрага за да утврдат како забранетиот пестицид се нашол во производот.
Иако имидаклоприд е забранет, постојат индикации дека некои земјоделци сè уште го користат, можеби поради недоволна информираност или пристап до залихи од минатото.