На онкологија фали терапија, бројот на пациенти расте
На онкологија фали терапија, бројот на пациенти расте

Пациентите на Клиниката за онкологија се соочуваат со недостиг од биолошка терапија. Од петокот на пациентите им недостигаат шест биолошки терапии, а постои ризик пациентите наскоро да се соочат со недостиг од четири други. Пациентите бараат и вклучување на овие лекови на позитивната листа.
Од Клиниката за онкологија велат дека при изготвувањето на буџетот за 2024 година не се одразиле потребите на клиниката и дека преземаат мерки за подобро планирање на набавката на биолошките терапии.
„Ве информираме дека состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, кои се спроведуваат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет е изготвен претходната година врз основа на проценките од тоа време и не ги одразил целосно тековните потреби на клиниката. Исто така, мора да се има предвид континуираното зголемување на бројот на пациенти на онкологија, како и сложеноста на административните и финансиските процеси кои влијаат на набавката на лекови”, велат од Клиника за онкологија.
Во текот на денешниот ден неколку пати се обидовме да го контактираме директорот на Клиниката за онкологија за да добиеме повеќе информации за недостиг на биолошка терапија, но тој не одговори на нашите повици.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување за МИА изјави дека се работи на зголемување на буџетот за 2025 година.
„Фондот одобри дополнителни пет милиони евра за онкологија во 2024 година. Фондот работи на договор за зголемување на буџетот за 2025 година. И покрај напорите за зголемување на финансиите, Клиниката за онкологија мора да има јасни и транспарентни критериуми за вклучување на пациентите во посебни терапии. Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за правилно планирање и следење“, рече Сашо Клековски, директор на Фондот за здравство.
Во 2023 година на Клиниката за онкологија изби скандал со препродажба на биолошка терапија, која завршувала на црниот пазар. Истрагата за 5 лица од Онкологија се уште трае. Дури и Државниот завод за ревизија имаше констатирано неправилности во оваа клиника. Министерот за здравство Арбен Таравари уште пред да ја преземе функцијата вети дека ќе ги расчисти овие истраги. По преземањето на функцијата го смени ставот, велејќи дека тоа е работа на правосудните органи./Алсат.мк
Линда Ебиби