Во зелката вратена од Хрватска не се пронајдени забранети средства за заштита, тврди министерот Трипуновски

Контролата спроведена кај производителот на зелката што неодамна беше вратена од Хрватска поради нејзина наводна неисправност и направените анализи покажала дека во посочената земјоделската култура не било детектирана употреба на забранети препарати за заштита, тврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
– За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарски продукт. Направените анализи испаднаа негативни, односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура, рече Трипуновски одговарајќи на прашање на новинарите по однос на случајот.
Министерот Трипуновски рече дека не знае дали се работи за некаква грешка на хрватските гранични контроли, но категорично изјави дека во Македонија кај посочениот земјоделец не се пронајдени такви недозволени пестициди ниту анализите покажале употреба на забранети средства.