Посебен пакет со „понормална“ цена на струјата е една од опциите за комуналните претпријатија, болниците, школите,…

Се прави сеопфатна анализа за потрошувачката на струја во јавните комунални претпријатија, болниците, школите, училиштата,… кои имаат енормни сметки, се размислува да се направи посебен пакет за нив со „понормална“ цена, а се работи и на формирање балансна група во која ќе бидат групирани. Деновиве не може да се каже кое ќе биде решението, но во почетокот на вториот квартал ќе има одговор, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Како што напомена Божиновска, целта на Владата е да се направи системско решение.
-Ние сме свесни за овој проблем. Уште кон крајот на минатата година почнавме да ги гледаме болниците, школите, училиштата, комуналните претпријатија кои имаат енормни сметки за струја. Тие можеби од незнаење или немање стручен кадар, на пример, ако не изберат снабдувач одат во снабдување со краен случај. И сами не се запознаени со последиците од непостапувањето. Тоа е една работа, а друга е дека се оставени на ризик на берзата. Тие се непрофитни и ние сега правиме сериозна и темелна анализа, да видиме колку енергија е тоа, колку мегават часови е вкупно, и ќе видиме да направиме пакет за нив, да видиме да имаат некоја друга, понормална цена, односно да има некои заштеди, рече министерката, одговорајќи на новинарски прашања пред настанот за домашната берза на електрична енергија.
Божиновска е децидна дека сега, утре или задутре не може да се даде одговор на прашањето дали утре на владина седница ќе им биде дозволена некаква цена или ќе бидат поучени како да набавуваат струја по пониска цена.