
Дипломатскиот јаз меѓу Братислава и Киев се продлабочи поради одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас до Словачка и поради меѓусебните обвинувања за енергетската политика.
Словачкото Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека го повикало украинскиот амбасадор Мирослав Кастран за да пренесе „силна протестна порака против изјавите на украинските претставници“.
Министерството ги осуди изјавите, сметајќи ги за мешање во внатрешните работи на Република Словачка, се вели во соопштението што го виде ДПА.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна го критикуваше словачкиот премиер Роберт Фицо, обвинувајќи го дека ја фаворизира Русија пред САД и западните сојузници затоа што одбил да купи американски гас.
Фицо претходно го критикуваше Зеленски за неговата одлука да го прекине транзитот на руски гас преку Украина на почетокот од оваа година, потег што тој тврди дека ѝ предизвикал значителна економска штета на Словачка.
Претходно, украинското МНР го критикуваше Фицо во објава на својата веб-страница.