Ако нема исполнување на преземените обврски, ЕУ нема како да го продолжи пристапниот процес на С Македонија, вели шефот на бугарската дипломатија

Во моментов односите меѓу Софија и Скопје се специфични. Ваква оцена даде новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во вчерашното интервју за бугарската БТВ, коментирајќи ги односите меѓу двете соседни земји.
На дополнителното прашање дали односите може да се сметаат за специфично заладени, Георгиев рече дека температурата се мери со секој следен настан што би можел да ги подобри тие односи или, пак, да ги влоши.
„Јас се надевам дека сме постигнале степен на зрелост од кој можеме да осознаеме дека добрососедските односи не се желба, туку дека тоа е влог за иднината и просперитетот на целиот регион“, вели Георгиев.
Одговарајќи на прашањето дали Бугарија ќе ја промени позицијата, со оглед на тоа дека премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски, е апсолутно категоричен дека додека е тој претседател на Владата, Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, без јасни гаранции од Европската Унија, Георгиев рече дека доколку нема исполнување на преземените обврски, Унијата нема како да го продолжи пристапниот процес на РСМ.
„Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот ‘франциски предлог’, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат двостраниот (билатерален) спор. Зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Така што, ако обврските не бидат запазени, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ“, кажа бугарскиот шеф на дипломатијата.