Измените на Кривичниот законик од 2023 година на седница на Уставен суд

Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.
Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.
Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.
– Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства. Да не кажам народната, по свадба – тапани. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука не за поништување, туку за укинување, да не важи за во иднина, но не верувам дека до таква одлука ќе дојде, вели Трајанов за „Канал 5“ телевизија.