ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Суспендираниот Цветановски, можен наследник на Коцевски

Суспендираниот виш обвинител Јован Цветановски е можниот наследник на Љупчо Коцевски на позицијата државен јавен обвинител, дознава Алсат.  Токму Коцевски иницираше суспензија на обвинителот Цветановски за сторена тешка дисциплинска повреда, па најпрво ќе мора да заврши дисциплинската постапка против него за тој да може да го преземе кормилото на државното обвинителство. Во меѓувреме, советот на јавни обвинители се уште го чека предлогот од Владата за разрешување на Коцевски.

Advertisements

„Во однос на тоа прашање, сакам да изјавам дека досега немаме до советот доставено никаков предлог, кога ќе биде доставен предлогот ќе се произнесеме. Процедурата е објаснета во законот онака како што е пропишана, советот ќе ја почитува, ќе ги испочитува сите рокови“, вели претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриевска.

Владата вчера иницираше разрешување на Коцевски меѓу другото и поради тоа што сметаат дека е спорно назначувањето на шеф на вишото скопско јавно обвинителство додека трае суспензијата на Мустафа Хајрулахи, кој беше оддалечен од оваа позиција поради обвинувања за мобинг и наводни неправилности во работењето. Сепак, според Димитриевска изборот на нов шеф е законски.

„Јас и понатаму тврдам дека нашата одлука е законита. Тоа обвинителство како и сите други обвинители мора да има јавен обвинител кој ќе го раководи. Уште еднаш да напоменам се работи значи за определување на јавен обвинител кој ќе раководи со тоа обвинителство за време додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител“, додава Димитриевска.

Владата вчера поднесе иницијатива до Министерството за правда за разрешување на Коцевски, оттаму за Алсат велат дека денеска или утре овој предлог ќе го проследат до Советот на јавни обвинители, каде согласно законот советот ќе има 15 дена да оформи свој став. Но, позитивно мислење на советот не е неопходно за разрешување на Коцевски, бидејќи последниот збор ќе го имаат пратениците. Доколку предлогот помине во Собрание ова ќе биде второ разрешување на државен јавен обвинител по независноста, откако во 2017 година со 64 гласа „за“ беше разрешен тогашниот републички обвинител Марко Зврлевски.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button