Јаневска: Јавната расправа за реформи во гимназиското образование сè уште трае

Јавната расправа за концепцијата за реформи во средното образование сè уште трае и во рамките на неа планирани се дополнителни посети и средби, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, додавајќи дека затворена е само расправата што се одвиваше преку информатичкиот систем ЕНЕР.
Министерката и денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека имаат отприлика една година да ја стокмат концепцијата за да изгледа како што треба и да биде соодветна на програмите од Европската Унија.
Досега, рече таа, има неколку интересни предлози, а кои, како што посочи, генерално се однесуваат на зголемување на бројот на часови за секој предмет и дополнување на наставата со нови предмети.
Според министерката, тоа не е можно да се оствари, бидејќи доколку се реализира децата ќе треба да поминуваат на училиште најмалку 10 до 11 часа.
„Кога го направивме распоредот според барањата на стручната јавност, здруженијата и наставниците излезе дека учениците секоја година од прва до четврта треба да бидат на училиште најмалку 10 до 11 часа, за да нема забуна тоа се 10 до 11 часови во работниот ден. Тоа не е можно. Сето тоа ќе треба да си изанализира, искомбинира, да, нашите деца да бидат подолго на училиште, тоа што Владата како проект го предлага, но тие не можат да бидаат 11 часа во денот на часови. Треба да имаат и други активности, треба да имаат театарска претстава, треба да имаат хор, треба да имаат ликовно и музичко, затоа што и преку нив многу се учи многу“, рече Јаневска.