Филипче: Наместо реформи, се партизира правосудниот систем

Опозицијата е против иницијативата на владата за смена на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. СДСМ смета дека ова е обид за партизација на судството, наместо вистински реформи во правосудниот систем.
„Сметам дека најавите на владата да се интервенира во делот на промена на членови на судскиот совет, иницијатива за смена на јавниот обвинител, апсолутно не е никаква реформа туку е обид за партизација на системот. Постои јасна стратегија којашто е во планот за раст, која што нашата влада на СДСМ го спремаше, оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ премиерот го потпиша во Брисел, во којшто јасен е патоказот по којшто во европската агенда треба да се оди“, рече Филипче.
Два дена пак откако Владата покрена иницијатива до Министерството за правда за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да бара негово разрешување, со аргументи дека тој ги штити криминалите на претходната влада.
„Љупчо Коцевски, како шеф на Јавното обвинителство молчеше додека СДС ги крадеше институциите. Сега откако Коцевски доби одврзани раце да постапува, и беше дадена целосна поддршка од институциите, тој на секој начин се обиде да ги развлече постапките. Македонија заслужува обвинителство кое ќе работи во интерес на граѓаните. Шефот на Јавното обвинителство треба да биде човек со интегритет, а не лице послушник“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Владата бара разрешување на Коцевски зашто според нив, незаконски бил назначен шеф на Вишото скопско јавно обвинителство додека се уште траела дисциплинската постапка против поранешниот раководител Мустафа Хајрулахи. Коцевски во писмено обраќање одговори дека тој постапувал законски и дека така било и во овој случај. Предлогот на Владата за негово разрешување од Министерството за правда ќе биде проследен до советот на јавни обвинители, а потоа ќе биде ставен пред пратениците на гласање.
Коцевски на позицијата државен јавен обвинител беше назначен пред една година, по заминувањето во пензија на неговиот претходник Љубомир Јовевски. Тој има уште пет години мандат на оваа функција.
Михајло Донев