Обвинителите добиваат пристап до сите бази на податоци на Европол

Многу повеќе информации уште во раните фази од постапките и точни насоки како би се движеле истрагите ќе добиваат домашните обвинители со примената на системот на Европол, преку кој отсега ќе можат да обезбедуваат податоци за банкарски сметки и имот во странство за корумпирани бизнисмени и обвинители, објаснува за Алсат обвинителката за врски со европравда Ленче Ристовска. Со оваа новина, откако ќе поднесат барање, обвинителите ќе имаат пристап до сите бази на податоци со кои располага и Европол.
„Од она што како поддршка можеме да го добиеме од Европол е пристап до сите датабази до коишто има и Европол пристап што за нас е од непроценливо значење. Имаме можност за пристап и користење на нивниот аналитички центар, што за нас би значело дека податоците коишто ги имаме обезбедено ние во рамките на истрагите може да бидат анализирани во рамки на тој аналитички центар и да добиеме едни поструктурирани информации коишто се разбира ќе ни помогнат во насочување на истрагите“, рече Ристовска.
Алатките кои ги нуди Европол ќе бидат користени од домашните обвинители, вели Ристовски, и очекува дека со овој систем ќе се овозможи детално да се истражат и лица кои се наоѓаат на црната листа на САД поради корупција, а за кои постапуваат и домашните органи.
„Верувам дека колегите секако ќе ги користат овие алатки и дека конечно ќе можеме да ги погледнеме овие корупциски предмети од еден поширок агол. За сите постапки за коишто се водат пред јавното обвинителство, предистражни и истражни постапки, се разбира, доколку бидат побарани податоци, има одредени услови под кои може да пристапиме до тие податоци, но доколку е се запазено и исполнето, се разбира дека ќе може и за таквите предмети да се направат дополнителни проверки“, додава Ристовска.
Обвинителите добија и упатство за тоа како да го користат системот на на Европол, истиот веќе им е достапен, а проверките ќе можат да ги вршат преку Европскиот центар за економски и финансиски криминал.
Михајло Донев